Предвидената стапка на економскиот раст за годинава од 3,5 до 3,7 проценти е остварлива и задоволителна за пострецесиски период и во крајна линија значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на среден рок доколку таа се одржи во некој подолг период, оцени професорот Димитар Ефтимовски.
– Проекцијата на стапката на раст на реалниот БДП сметам дека е остварлива и дека не би требало да има некои значителни проблеми. Стабилноста на македонската економија е присутна, предиспозициите за раст се присутни, се зависи од екстерните фактори, пред се цената на енергенсите и на храната. Овие сегменти есктремно може да влијаат врз секоја економија, па така и на нашата во однос на нејзината рамнотежа и стабилност. Меѓутоа, предиспозициите за раст се присутни и економијата би требало во следниот среден рок да расте, потенцира Ефтимовски.
Според него, предвидено е стапката на раст на реалниот БДП за оваа година да е резултат на капиталните расходи, односно државните инвестиции и на приватните инвестиции.
– Изворите на инвестициите односно штедењето во економијата е релативно стабилно со нагорна динамика и во тој поглед поттикнувањето, односно изворите на инвестициите се присутни и не би требало да има позначителни проблеми, вклучувајќи го тука и надворешното финансирање на инвестициите, рече Ефтимовски.
Тој посочи дека изградбата на сите автопати и на пругата се значајни капитални расходи од страна на државата кои ќе ја јакнат економијата, но додаде дека факторите на понудата треба да бидат поддржани од страна на факторите на побарувачката, што значи потенцијалниот раст на реалниот БДП од 3,5 до 3,7 проценти мора да биде следен со соодветна побарувачка во економијата.
– Во следниот период е проектиран раст на платите во јавната администрација и на пензиите што значи дека таа динамика на раст на побарувачката е предвидена соодветно со растот на факторите од страна на понудата. Тоа значи дека рамнотежата на краток рок, дури и на среден рок, е задоволена, така што условите за раст се тука, потенцира Ефтимовски.
Во однос на девизните резерви, кои еден период бележеа намалување, рече дека во последните 30 дена почнале да бележат раст и оти очекува дека ќе бидат стабилизирани.
– Значајно е да се каже дека во следниот период очекувано е да порастат дотациите од страна, односно дознаките од странство. Тие значително ќе ги стабилизираат девизните резерви, така што мислам дека на краток рок тие ќе го постигнат своето стабилно ниво, посочи Ефтимовски.
Во однос на невработеноста, потенцира дека е убаво да се напомене дека подолг временски рок бележи тенденција на намалување и оти веќе е под 29 проценти.
– Претпоставувам дека за тоа значително влијание имаат странските директни инвестиции, но исто така и нивната побарувачка во однос на малите и средните претпријатија во земјава, бидејќи тие како сателити се повеќе и повеќе имаат работа кон големите странски инвестиции. Очекувам во следниот период невработеноста уште повеќе да се намалува, додаде Ефтимовски.
Професорот Александар Стојков, пак, смета дека во целина, оценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дадени по двонеделниот престој во Македонија влеваат оптимизам дека македонската економија полека се враќа на високите, преткризни стапки на економски растеж, но овојпат, со значително намалени надворешни и домашни ризици.
– Сосема очекувано, оценките на експертите од ММФ ги потврдуваат поволните трендови во македонската економија. Економскиот растеж се забрзува, благодарение на силната приватна потрошувачка, повисоките јавни инвестиции и зголемениот извоз на добра и услуги. Во официјалното соопштение од разговорите е содржано и едно од првите недвосмислени признанија на меѓународните финансиски институции дека Владата на Република Македонија води успешна политика на привлекување странски директни инвестиции во извозно-ориентираните и трудоинтензивните индустрии, посочи Стојков.
Мисијата на Фондот, додаде, смета дека зацртаните цели на фискалната политика се сосема соодветни, што укажува дека критиките за, наводно, неконтролираниот пораст на владиниот долг се неосновани. Имено, планираното намалување на буџетскиот дефицит до ниво од 2,6 отсто од бруто домашниот производ во 2016 година ќе овозможи непречено сервисирање на долгот и ќе ја зајакне макроекономската стабилност. Од друга страна, стапката на инфлација ќе биде занемарлива во претстојниот период.
– Треба да се очекува ваквите оценки на ММФ да се рефлектираат и врз подобрени оценки на меѓународните рејтинг агенции, што секако ќе овозможи поповолни услови за задолжување на меѓународниот пазар на капитал, најверојатно, преку емисија на нова евро-обврзница, нагласи Стојков.
Надворешното финансирање на буџетскиот дефицит, според него, е значајно не само поради одржувањето на соодветно ниво на девизните резерви, туку и од аспект на ослободување поголем кредитен потенцијал за приватниот сектор.
– Експертите на Фондот, за жал, го потврдија разочарувањето дека банкарскиот сектор е недоволно насочен кон кредитирање на македонските фирми. Иако е полесно да се каже, отколку да се изведе, охрабрувачки се и пораките дека напорите за намалување на невработеноста ќе дадат посилни резултати, доколку се зајакнат врските помеѓу новооснованите странски компании и домашните фирми-снабдувачи, потенцира Стојков.
Економскиот растеж на среден и долг рок, смета, во голема мерка ќе зависи и од успехот во подобрувањето на квалитетот на образованието, особено за оние струки и профили каде има зголемена побарувачка од страна на македонското стопанство.
Меѓународниот монетарен фонд вчера на прес-конференција во Скопје истакна дека очекува растот на македонската економија да зајакне и смета дека предвидниот раст од 3,5 проценти е остварлив.
– Растот на бројот на вработени и зголемените плати во јавниот сектор и пензии ќе ја поддржат потрошувачката, додека инвестициите ќе се поттикнат со крупните инфраструктурни проекти во јавниот сектор, истакна вчера шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар по двонеделните разговори со претставници на Владата, Народната банка и приватниот сектор во Македонија.
Вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески, пак, вчера посочи дека ставовите на Владата и ММФ се слични.
– Македонската економија има добар тренд на пораст. Минатата 2013 ја завршивме со 3,1 процент, а за годинава очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5 проценти, што е подобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2 проценти. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја стабиизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години, истакна Ставрески.
МИА