Пратеничка со бебе истерана од парламентот на Кенија

Пратеничките во кенискиот парламент ја напуштиле седницата во знак на солидарност со колешката која морала да излезе бидејќи со себе го довела бебето, пренесува во средата BBC.

Пратеничката Зулеика Хасан рекла дека петмесечното бебе го донела на работа, бидејќи дома имала итна ситуација и бидејќи парламенотот нема јасли.

Според деловникот на кенискиот парламент, влезот во законодавниот дом им е забранет на „надворешни лица“, вклучително и на деца. Некои машки колеги, пак, нејзиниот потег го нарекле „срамен“.

Претседателот на парламентот Кристофер Омулеле ѝ наредил на пратеничката Хасан да излезе од пленарната сала и порачал дека може да се врати без бебето. Хасан го повикала да се погрижи за „попријатна семејна атмосфера“, доколку сака повеќе жени во парламентот.

„Навистина сторив сѐ за да не доаѓам со бебето, но имав итна ситуаија дома. Што требаше да направам? Да постоеја јасли во парламентот или детска градинка, ќе го оставев детето таму“, изјавила пратеничката за медиумите.

Кениските пратеници во 2017 година донесоа закон за одредување посебни соби во кои пратениците мајки би можеле да ги хранат и пресвлекуваат бебињата. Но, до денес такви простори нема.

Неколку пратенички од други земји во светот се фотографираа со своите деца на работното место. Во 2018 година премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Арден стана првата светска челничка којашто своето тримесечно бебе го понесе на заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Австралиската сенаторка на Зелените, Лариса Вотрс, во јуни 2017 година ја доеше својата ќерка Алиа Џој додека предлагаше закон во здравствената сфера.