Опасност од појава на антракс во 22 населени места во Македонија

Нема ново животно заболено од антракс, а исто така оваа заразна болест не е регистрирана кај луѓе, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ велат дека покрај селото во Кичевско каде беше регистриран последниот случај на антракс кај овца, има уште 22 населени места во државата каде што постои опасност од појава на болеста. Во тие места каде што се појавувала болеста изминатите години, според АХВ се прави вакцинација на сите животни против антракс и тоа трае 20 години колку што може да опстои бактеријата во почвата.

Инаку во Кичевското село биле спалени девет мрши на овци и ветеринарите пепелта ја ставиле во почва. Директорот на АХВ со уверување дека тешко може човек да се зарази со антракс од заразно месо, бидејќи при колење на животни мора да биде приложен здравствен сертификат.

Вчера пак, од Ветеринарниот факултет соопштија дека нивни вработени кои ги правеле анализите на заболената овца, земаат превентивна терапија.

„Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и  забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето. Ја информираме јавноста дека засега болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште. Соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар“, посочија од АХВ.

Наредена е мерка спроведување на вакцинација кај добитокот против болеста Антракс во оваа населено место.

Антракс е  заразна болест што ги напаѓа животните, а може да се пренесе и на човек. Луѓето можат да се инфицираат преку директен и индиректен контакт со заразените животни. Генерално, антраксот не се пренесува од човек на човек, но во ретки случаи, кожните лезии што ги предизвикува оваа бактерија можат да ја пренесат заразата. Најчесто, антраксната бактерија навлегува во телото преку рана на кожата. Исто така, човекот може да се зарази преку консумирање на контаминирано месо или со инхалирање на спорите од антраксот. Знаците и симптоми, во зависност од начинот на заразување, може да варираат од кожни рани, па се до гадење, повраќање и системски шок.