Претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели го нарече срамен чин вчерашното пуштање на слобода, три години пред истекот на затворската казна, на поранешниот припадник на паравоената српска единица „Шкорпии“, Миодраг Шолајас, кој од српскиот суд во 2008 година беше осуден на 15 години затвор за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели во објава на Фејсбук оцени дека ваквиот чин „го демаскира недостатокот на готовност од страна на Белград да воведе правда“ за злосторствата на Србите во Косово.
Шолајас во 2008 година од страна на надлежен суд во Белград беше прогласен за виновен и осуден на 15 години затвор за убиството на 14 цивили, од кои седум деца, на 28 март 1999 година во дворот на семејна куќа во Подујево.
Потсетувајќи дека пред една година, исто така пред истекот на казната, беше пуштен од затвор и соизвршителот на Шолајас во злосторството од истата српска паравоена формација, Саша Цвјетан, спикерот на косовскиот Парламент ја обвини Европската унија (ЕУ) за двојни стандарди во однос на третирањето на злосторствата во косовската војна.
– Несфатливо е молчењето на Брисел кон непокренувањето на процесите за многу српски злосторства кои се расветлени, кон развлекувањето или прекинувањето на судските процеси, смешните казни изречени „колку да се каже“, а сега веќе и за предвременото ослободување на воените злосторници. Тука се гледа јасно дека Европската унија функционира според двојни стандарди, напиша Весели.
Според него, ЕУ од една страна ги толерира тие дејствија, „давајќи му на Белград зелено светло за да продолжи да ја гази правдата и повредувајќи ги по втор пат семејствата на жртвите на српските масакри“, додека од друга страна правната мисија на ЕУ во Косово (ЕУЛЕКС) „осудува без докази и факти и бесправно ги држи во затвор“ борците на Ослободителната војска на Косово (ОВК), како што се оние од таканаречената „Дреничка група“.
Весели порача дека, „како иден премиер“, по вонредните избори што есенва треба да се одржат во Косово, по оставката на досегашниот претседател на Владата Рамуш Харадунај, ќе ја реализира својата иницијатива за меѓународен суд за српските злосторства во војната од 1998-99 година.
– Косово не смее да дозволи историјата да се манипулура и жртвите да се изедначат со џелатите. Затоа, како премиер ќе одам до крај со мојата иницијатива за трибунал кој во рамките на транзиционата правда ќе ги изведе тие злосторници пред лицето на правдата, напиша Весели.