Висока воена делегација од Бугарија во посета на Скопје

Висока делегација на Вооружените сили на Република Бугарија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Андреј Боцев, од утре ќе престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија.

Генералот Боцев, утре, како што е најавено, во Министерството за одбрана и во Генералштабот ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила
Шекеринска.

Во текот на денот, генералот Боцев ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски.

Главни теми на средбата ќе бидат унапредување на билатералната воена соработка, трансформација на Армијата на Република Северна Македонија и искуствата од учеството во меѓународните мисии за поддршка на мирот.

Во текот на посетата делегацијата на бугарските Вооружени сили, ќе посети дел од командите и единиците на Армијата, каде ќе се запознае со нивната мисијата, задачи и обука, а ќе присуствува и на централната прослава на Денот на Армијата во Охрид.