
Повеќе од еден месец откако беа притворени осомничените во случајот „Рекет“, исто толку од поднесената условена оставка на Катица Јанева, таа конечно утре ќе зборува пред Вилма Рускоска, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но не како осомничена, туку како сведок.
Јанева ќе сведочи откако во аудио-визуелниот материјал објавен во италијанскиот „Ла Верита“, а во врска со случајот „Рекет“, се слушна и нејзиниот глас.
Досега за случајот кој ја тресе македонската јавност и политичката сцена сведочеа обвинителките Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и обвинителот Бурим Рустеми.
Уште на стартот на „Рекет“ во јавноста се појавија сомнежи, дека токму Јанева е обвинителката која заедно со Боки 13 и Зоки Кичеец изнудувала пари од бизнисменот Орце Камчев, за потоа да каже дека и бил изгубен мобилниот телефон, кој подоцна форматиран беше пронајден кај девојката на нејзиниот син.
Зошто толку се чекаше се прашуваат и правните експерти. Дел од нив и јавно предупредија дека според праксата Јанева не само што требало веднаш да биде повикана на распит, туку можеби и ќе беше во притвор, поради можно влијание врз сведоци и уништување на докази.
За „Рекет“ засега осомничени се само Бојан Јовановски, Боки 13, и Зоран Милески, Кичеец, кои се повеќе од еден месец во притвор.