Обвинителството утврдило дека Јанева треба да биде притворена за ‘Рекет’

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е конечно официјално осомничена дека е вмешана и ја злоупотребила својата позиција во случајот на изнуда од македонски бизнисмен, соопшти на вонредната прес-конференција државниот јавен обвинител Љубомир Јовевески.

Како што образложи на почетокот од конференцијата за медиумите, во текот на истражната постапка било утврдено дека има причини истрагата за случајот „Рекет“ да се прошири и на специјалната обвинителка Јанева, како и да се побара мерка притвор за неа во траење од 30 дена.

Имено, обвинителството утврдило дека при изнудувањето од скопскиот бизнисмен со ветување за ублажување на постапките во случајот „Империја“ кој го води СЈО, двајцата првосомничени, кои се веќе во притвор, во два наврата изнудиле еднаш милион евра и уште еднаш половина милион евра од неговата сопруга, додека тој бил во притвор. Како што рече Јовевски, без директно да ја споменува Јанева, дел од оваа сума била искористена и од јавен обвинител. Станува збор за 298.000 евра со кои Јанева набавила нов мебел, со што обвинителството ја сомничи за злоупотреба на службена положба и овластувања и за противправно стекнување имотна корист.

Досега за овој случај во притвор се шоуменот Борјан Јовановски „Боки 13“ и Зоран Милески Кичеец кои се снимени како со торби полни пари излегуваат од домот на бизнисменот Орце Камчев кому му овозможиле контакт со обвинителката Катица Јанева, којашто го уверува дека ќе го има „под контрола“ случајот „Имеприја“ во која тој е осомничен.

На прес-конференција во Обвинителство беше речено и дека ќе биде вештачен службениот компјутер на Јанева.