Заев: На дневен ред на Централниот одбор на СДСМ се актуелните случувања

Актуелните случувања ќе бидат на дневниот ред на Централниот одбор на СДСМ. Секогаш ЦО почнува со актуелните политички случувања со сите детали и за тоа ќе разговараме. Ова попладнево за ТВ Сител го изјави премиерот Зоран Заев пред почетокот на Централниот одбор на партијата.

На прашање дали ќе има одговорност и од функционери на СДСМ, тој посочи дека одговорноста ја утврдуваат истражните органи. За секој што се огрешил пред законот, па дури ако постојат индиции за таа работа, нагласи, ќе побараме политичко оградување од него, секако се додека не си ја докаже својата невиност или му се докаже вина.

– Веруваме дека треба да бидеме најдобар пример на враќање на довербата на владеење на правото, правната држава. Овој случај кој се отвори, се примери на случаи кои постојат во светот, но прашањето е како државата се поставува кон нив, како извршната власт се поставува. Среќен сум што овозможивме да имаме општество каде извршната власт создала целосни услови, истражните и правосудните органи без разлика за кој се однесува, слободно да истражуваат, слободно да аргументират, да прибираат докази и да постапуваат. Секако одлуките треба да се почитуваат од сите, додаде Заев.