Првпат после 20 години Тутунскиот комбинат Прилеп работи со добивка

Според досега остварените резултати и проекциите се очекува Тутунскиот комбинат АД Прилеп, кој со децении беше еден од најголемите загубари во земјава, на крајот на годинава да покаже добивка, првпат после 20 години.

„Минатата година ја завршивме со загуба од околу 3 милиони евра, но тоа се должи исклучиво на реализација на програмата за подобрување на продуктивноста во рамките на која се спроведе мерка за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени на кои им беа исплатени отпремнини во вкупен износ од 4 милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари“, вели Кирил Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат АД Прилеп.

Благодарение на успешното спроведување на рационализацијата и решавање на проблемот со превработеноста, ТКП направи нова систематизација на работните места, со што платите на вработените во комбинатот се зголемија меѓу 10 и 15%, а најголемо зголемување е направено кај клучните сектори – во Погонот Тутун и Погонот цигари.

„Во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза прикажана е загуба за првата половина од годината која е помала за 80% споредено со истиот период од 2018 година. Во секој случај, ова не може да биде релевантен показател за работењето на Комбинатот во текот на целата 2019 година. Имено, поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината кои според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците заради што очекуваме дека ТКП ќе ја заврши 2019 година за прв пат со добивка која очекуваме да биде значајна”, додава Станкоски.

Резултатите на ТКП  се должат на стратешкото партнерство остварено со тутунскиот гигант Филип Морис Интернешнел и формирањето на заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), што придонесе ТКП полека но сигурно да се враќа на некогашните позиции како компанија која има значителен позитивен придонес во македонската економија.