Независниот синдикат на полицијата обвинува за притисоци од министерот Спасовски

Независниот синдикат на полицијата бара од Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски да прекинат постапките против нивните членови и да престанат, како што велат, притисоците за растурање и целосно контролирање на синдикатот.

Портпаролот на НСП, Дејан Саздов, на денешната прес-конференција, го повика министерот Спасовски да одговори зошто најголемиот дел од претседателите на синдикалните подружници и синдикални организации се незаконски прераспределени од нивните работни места.

Зошто спротивно на сите прописи ги прераспоредивте претседателите на СВР Струмица, Регионален центар Запад, Одделение за безбедност на патниот сообраќај СВР Скопје, ПС Карпош, ПС Чаир, ПС Аеродром, Управни служби Скопје, СВР Куманово, праша Саздов.

Нагласи дека генералниот секретар на НСП Орце Коцевски од пред неколку дена спротивно на сите правила и прописи во МВР, како што рече, е разрешен од позицијата командир на Полициска станица од општа надлежност Велес.

 Бараме на јавноста да и одговорите поради кои причини и која постапка е истиот разрешен од позицијата командир. Замислете, под притисок и наредба од началник на СВР Велес, решението за разрешување го примил додека е на годишен одмор. Да и одговорите да јавноста зошто истиот е распореден на работно место спротивно на одредбите од Колективниот договор на МВР, изјави Саздов.

Претседателот на Конфедерацијата на Синдикални Организации на Македонија – КСОМ, Марјан Ристески, рече дека даваат целосна поддршка на НСП и Генералниот секретар на НСП Орце Коцевски.

 Нарушени се меѓучовечките односи меѓу самите полицајци. Тврдам дека виновни се високите структури во полицијата кои се членови на Полицискиот синдикат. Тие не бираат средства и ги интересира само членарина. Нема да дозволам да се уништи НСП, изјави Ристески.

Орце Коцевски, нагласи дека се соочува со притисок од почетокот на 2018 година до неговото разрешување и оти има поднесено повеќе пријави за вознемирување на работно место.

Таква постапка во МВР не е водена. Го повикувам надлежниот инспекторат да излезе на терен и да провери зошто министерството не презема мерки за заштита, не само на мојот случај, туку и на сите вработени. Самиот факт дека за време на боледување е формирана работна група и истиот ден изготвила извештај до директорот и за време додека сум на годишен одмор министерот изготвува решение и ми го даваат, укажува која е причината. Точно постои упатство за разрешување и тоа воопшто не е почитувано и не се преземени никакви процедури согласно тоа упатсво, изјави Коцевски.

Од НСП посочуваат дека министерството се оградува со молчење на барањата за репрезентативност од НСП, иако во синдикатот членуваат 2.880 вработени во МВР, што е за 500 членови повеќе од законски предвидените 20 проценти од вкупниот број вработени во МВР за добивање репрезентативност.