Кривичниот суд утре ќе прави интерни проверки за да види дали до нив стигнал записникот од сведочењето на бизнисменот Јордан Камчев за случајот Рекет, чија прва страница протече во медиумите. Претседателот на Судот Иван Џолев, за Алсат изјави дека ќе направат проверки и ќе утврдат дали во судскиот предмет го имале или го немале спорниот записник.
Тој не навлегува во коментари за истрагата за тоа од каде протекол документот.
Откако во медиумите беше објавен документот, обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска, ја потврди веродостојноста само на првата страница. Дел медиуми по објавувањето на документот ги надградија текстовите пишувајќи дека функционери од СДСМ се поврзани со случајот, но тоа не може да се види во документот што го објавуваат, а Обвинителство соопшти дека тие наводи нема да ги коментира. Русковска изјави дека обвинителството ги поседува оригиналните списи од документот, а копија од него се доставени до надлежниот суд.
По објавувањето на записникот од пријавата на Камчев за Рекет и текстот во кој функционерите се поврзуваат со случајот, реагираа од власта, најавувајќи тужби за новинарот кој го објавил документот и медиумот кој ги поврзува со Рекет.
Исто така, реагираа и Агенцијата за медиуми, медиумските здруженија и организации со апели до политичарите да не посегнуваат прво по тужби, а до новинарите да бидат професионални.
На соопштението на Агенцијата за медиуми, министерот за информатично општество, Дамјан Манчевски, на својот Фејсбук профил напиша дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ААВМУ, одлучила да застане во одбрана на лажните вести и на фантомските портали.
„Според кои стандарди Инфомакс е медиум? Нема адреса, нема импресум, не се знае сопственоста… Класичен пример на извор за лажни вести. Прашањето го упатувам и до медиумските организации кои повикаа политичарите да не реагираат на вакви класични примери на лажни вести. Тогаш се прашувам кој. Кога веќе конечно ќе ја видиме таа саморегулација?“, пишува меѓудругото Манчевски.