
Владините мерки кои треба да го подигнат економскиот раст, очигледно ја поттикнале љубопитноста на познатиот мулти милионер Биг Мајк, еден од најуспешните претприемачи на индустријата за канабисот.
Тој утринава со приватен авион пристигна во Македонија, а на својот „Твитер“ профил, објави дека доаѓа на средба на високо ниво со владини претставници, за развивање на потенцијален бизнис со одгледување на марихуана. Невообичаено за ваков профил на личности, кои не доаѓаат во официјални државни посети, тој од скопскиот аеродром, како вистински „Дон“, на патот кон македонската метропола беше придружуван од полициско возило.
Редакцијата „Нетпрес“ побара одговор од МВР, зошто со полициско возило е придружуван владиниот гостин, како што тој самиот најави, но одговор се до објавувањето на текстот, не добивме.
Од прес службата на Владата, засега немаат информации за средбата.
Бизнисот со одгледување на марихуана за медициснки потреби, предизвикува сѐ уште контроверзии во јавноста, бидејќи тој во најголем дел се поврзува со компании кои добиле лиценца за тоа, а се во семејна релација со премиерот Зоран Заев.
За илустрација, според официјални податоци информации, претставници на фамилијата Заеви инкасирале 3,3 милиони евра од бизнисот со марихуана. Струмичката компанија за градежни материјали „Еленица“ лани ја имала наjдобрата година во последните четири години, покажуваат официјалните финансиски резултати од работењето за 2018 година, достапни на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Струмичката компанија специјализирана за производство на цигли и ќерамиди лани имала приходи од 5,16 милиони евра и остварила добивка од 2,7 милиони евра (50 отсто од вкупниот приход). Добивката е од продажба на дел од уделот што Еленица го има во светиниколксата компанија МАМ, лиценцирана за производство на масло од канабис. Оваа струмичка компанија има двајца акционери. Едниот има 99,9 отсто од акциите и тоа е Трајче Заев, долгогодишен бизнисмен. Другиот акционер во „Еленица“ се вика Жан Ангов и поседува 26 акции.
Со новите построги законски мерки кои се воведуваат за одгледување на марихуана, имаше реакции дека тие се со цел никој друг да не може да везе во оваа доходовна индустрија.
Освен Заеви во бизнисот со марихуана е влезен и Ване Андреев, адвокатот на Заев, кој е дел од сопствеништвото на „Канабис ОНЕ Доо Струмица“.
Голем скандал кој беше обзнанет во медиумите, а никој не го демантираше беше и тоа дека Сара Еленова, монахиња во епархијата на митрополитот Наум инаку кој важи кај граѓаните за близок пријател до Заев, е еден од косопствениците и партнерите во фирмата „Канабис Оне Доо Струмица“.
Сепак, отворениот крик на владината мерка за легални плантажи со марихуана, стигна и до Мајкл Страументис (Биг Мајк), познат и како „Marijuana Don“ и „Инстаграм“ крал на марихуаната.
Тој преку својата компанија „Advanced Nutrients“ специјализирана за суплементи и производи од марихуана, која што е лоцирана во Канада, направи богатство тешко милиони долари, а можност за правење уште повеќе пари очигледно гледа и во Македонија и во можноста која му ја нуди власта.
Тој на „Инстаграм“ редовно објавува фотографии од девојки, пари, приватни авиони, автомобили и многу мариухана. Другите таканаречени кралеви на „Инстаграм“ на своите фотографии немаат марихуана, па Страумеитис смета дека тоа е неговата голема предност.
Биг Мајк е роден во Портланд, Орегон и потекнува од семејство од пониска класа. Неговиот татко починал како тинејџер, а мајка му станала зависник од дрога.
Кога имал 19 години, основал компанија за ѓубрење на тревници. Потоа, кога имал 23 години, двајца пријатели му рекле како може да заработи многу пари. Почнал да одгледува марихуана, па ги унапредил своите техники до тој степен што изградил империја.