Вардар лесно го суреди Ал Мудхар, ги чуваше силите за Кил!

Европскиот шампион Вардар ја оправда фаворитската улога на отворањето на неофицијалното Светско клупско првенство во Саудиска Арабија и во рамки од последниот четвртфинален дуел со убедливи 34-27 (17-12) славеше над домашната екипа на Мудхар.

Воедно ова беше деби настап на новиот стратег на Вардар, Давид Писонеро, на еден официјален натпревар, како и на низата на засилувања кои ова лето пристигнаа во „црвено-црното“ семејство.

Проблемите со патувањето со кои се соочи тимот во претходните дена воопшто не се одразија на денешната игра на вардарци, а не се почувствува ниту отсуството на тројцата ракометари кои останаа во Скопје (Толедо, Стоилов и Калараш). Македонскиот тим и покрај тоа што го чуваше силите за полуфиналето одигра квалитетно, полетно, брзо во напад и цврсто во одбрана, а тоа резултира со сигурна победа од седум гола разлика.

Прв стрелец во победничкио табор беше Дибиров со седум гола, додека по пет постигнаа Чупиќ и Дисингер.

Во борбата за финалето, Вардар пред себе има сериозен испит, затоа што ќе се сретне со германскиот гигант Кил, кој денес рутински го совлада Замалек.