Врховната рада го избра Гончарук за нов украински премиер

Пратениците на Врховната рада попладнево го избраа Алексеј Гончарук за нов премиер на Украина. За неговиот избор гласаа 290 пратеници од неопходните 226 гласа, јавија локалните медиуми.

Магистерот по право Гончарук (35) досега работел како советник на вицепремиерот Степан Кубива, а од 25 јуни 2019 година е назначен за заменик-раководител на кабинетот на претседателот на Украина.

Претседателот Володомир Зеленски денеска во парламентот ја поднесе кандидатура на советникот Андреј Загородњук за позицијата министер за одбрана, додека за министер за надворешни работи го предложи заменик-раководителот на својата канцеларија Вадим Пристајко.

За функцијата главен обвинител Зеленски го кандидира заменик раководителот на својот кабинет Руслан Рјабошапка, а заменик-раководителот на Службата за безбедност Иван Баканов е предложен за шеф на истата служба.