Почна учебната година, клупите празни, СОНК и МОН уште ќе преговараат

Денеска стартува новата учебна година за 260 илјади средношколци и основци, меѓу кои 20 000 првачиња, а клупите во поголемиот број училишта, останаа празни. Стартот е  неизвесен поради предупредувачкиот штрајк на СОНК, Синдикатот за образование, наука и култура, од каде вчера соопштија дека се активира одлуката донесена на 23 август. Таа бепе, да се организира предупредувачки штрајк на првиот училишен ден (2 септември) и наставата да почне наредниот ден (вторник) зашто во изминатата недела со Министерството за образование и наука, МОН, не е постигнато заемно прифатливо решение околу платите на наставниците.

За потсетување, СОНК не се согласува со 5 отсто зголемување на платите, кои наставниците ќе ги добијат со платата за септември, и бара тие да бидат повисоки за онолку проценти, за колку што е зголемена минималната плата во државата, односно до 25 отсто. Синдикатот очекува со преговори со МОН до крајот на месецов, да се усогласат различните ставови, а ако нема напредок, можно е да се организира генерален штрајк.

-Нашите членови и сите други кои не се, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште, рече Неделков, додавајќи дека не е нивна надлежност да укажуваат или апелираат до родителите дали да ги пуштат децата на училиште. Додаде и дека СОНК нема да биде одговорен за евентуални последици по здравјето и безбедноста на учениците што ќе дојдат на настава.

Ресорниот министер Арбер Адеми, пак, ги повика директорите и наставниците да се подготват за денешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој, а особено не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.

На прес-конференција тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и материјалниот статус на наставниците. Притоа нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците, а доказ за тоа, рече, е што за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по 5 отсто лани и оваа година во септември.

-Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата, рече Адеми, и додаде дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот, ќе се знае и за можностите за идно зголемување на платите.

Во образованието во 2018 година, според Владата, платите се зголемени за 5 отсто, а од 1 септември 2019 за нови 5 отсто.