
Ураганот Доријан кој во средата се движи кон Флорида однесе најмалку седум животи на Бахамите, но се очекува дека бројот на жртвите ќе расте, бидејќи спасувачите сѐ уште не стасале до местата во кои луѓето се затрупани под урнатините и одроните.
Премиерот на Бахамите, Уберт Минис, изјави дека бројот се зголеми од пет на седум, бидејќи две лица им подлегнале на повредите.
„Можеме да очекуваме дека ќе има уште мртви. Ова се само прелиминарни инфорамции“, изјави Минис на прес-конференцијата ноќта кон средата по средноевропско време.
Островите Абакос и Големи Бахами сѐ уште во вторникот во голем дел беа отстечени од светот. На овие острови, според оцената на Црвениот крст, околу 13.000 куќи се уништени или оштетени, а Обединетите нации проценуваат дека на најмалку 61.000 луѓе им е потребна помош во храна на Бахами.
Доријан, кој во моментов е со моќност на бура од втора категорија, во текот на викендот го пустошеше брегот на Бајамите со рекордни налети на ветрот од речиси 300 километри на час. Сега се движи кон САД и ноќта кон средата во 3 часот беше на 175 километри источно од Мелбурн на Флорида. Се движи во северозападен правец. Метеоролозите најавуваат дека во следните 36 часа би можел да дојде опасно близу источниот брег на Флорида, каде што повеќе од милион луѓе добија наредба за евакуација.