Со говор на Мицотакис, но и со протести утре почнува 84 Меѓународен саем во Солун

Со обраќање на грчкиот премиер, со низа протести меѓу кои еден и против Договорот од Преспа и под силни безбедносни мерки утре попладне се отвора 84. издание на Меѓународниот саем во Солун.

Викендов, центарот на економските и политички случувања и вниманието на грчката јавност ќе биде насочено кон Солун, каде што премиерот на Грција, како и секоја година, со традиционалниот говор на отворањето ќе ги открие следните чекори и активности на неговата влада, jави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно со отворањето, исто така традиционално, како и секоја година, пред саемот ќе се одржат низа протести. Оваа година, до сега, закажани се најмалку шест собири.

Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и државниот сектор заедно ќе одржат синдикатот протест, синдикатот на Комунистичката партија ќе протестира посебно, а свои собири закажаа и левичарски здруженија, партии и организации, како и анархистички групи.

Одделен протест, преку социјалните мрежи организираат лица кои се против Договорот од Преспа.

За безбедноста ангажирани се над 3000 полицајци, а специјални единици во Солун пристигнаа од грчката престолнина.

Општина Солун, според грчката државна телевизија ЕРТ, ги отстранила кантите за отпадоци и контејнерите од улиците каде што е планирано да поминат демонстрантите, а Здружението на трговци побарало од сопствениците на продавници да преземат превентивни мерки.

На Меѓународниот саем што ќе се одржи од 7 до 15 септември под мотото „Претприемништво, иновации и екстровертност“, ќе учествуваат 1600 изложувачи, бројка поголема во споредба со лани. Претставници ќе има од 18 земји, а Индија е почесна земја.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, попладнево заминува за Солун, во вечерните часови, планирано е да се сретне со новиот солуснки градоначалник Константинос Зервас.

Мицотакис утре наутро,ќе одржи средба со претставниците на управниот одбор на саемот, веднаш потоа ќе ги посети штандовите, а во 20 часот по локално време ќе се обрати на свеченото отворање.