Станува јасно дека е одлучено СЈО да згасне, иако никому не е јасно зошто – е впечатокот на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев по денешниот состанок во министерството за правда. По средбата со претставниците на министерството, републичкото и специјалното обвинителство, Калајџиев не ги криеше лутината и разочарувањето. Калајџиев не се согласува предметите и обвиненијата од СЈО да преминат во Јавното обвинителство, затоа што тоа предметите ќе се развлечат, судските предмети ќе се забошотат и тоа ќе значи крај за СЈО.
„Ова ќе биде доказ дека нема интерес да има независна институција која ќе се бори со високата корупција и дека СЈО беше злоупотребено“, рече Калајџиев.
За него е нејасно зошто партиите не избраа наследник на Јанева и што е она што се крие во СЈО, што не треба да го види друг обвинител.
„Очигледно таму од самиот почеток се одеше на опција да нема самостоен обвинител и затоа ја избраа Катица, а зошто не избраа наследник на Јанева, треба да ги прашате партиите и правосудните органи. Што има таму за криење допрва ќе знаеме.
Зошто од моментот кога се виде дека Јанева не може да биде реизбрана СЈО се закопува. И кој е овластен – најмалку СДСМ кој дојде со СЈО на власт, а уште помалку другите, еден орган кој е донесен со консензус да го закопаат без консулатции. Го повикувам и меѓународниот фактор: Зошто преку ноќ дозволи СЈО да се закопа? Јас сум разочаран што ние уште не знаеме кој прислушувал во Македонија што е голема катастрофа“, рече Калајџиев пред почетокот на консултациите во Министерството за правда каде се одлучува за новиот Закон за јавно обвинителство.
Тој додава дека Јанева нема ниту законско право, од притвор да делегира предмети на Јавниот обвинител кои ги добила законски и да ги трансферира кај Јовески.
„Законот за СЈО не предвидува сите предмети да преминат во Јавното обвинителство. Таа можност во Законот за СЈО важи само за предметите кои СЈО нема да ги заврши, со оглед на ограничените ресурси и време на дејствување, а во никој случај не важи за сите предмети“, рече Калајџиев пред консултациите во Министерството за правда за новиот Закон за јавно обвинителство.
Јанева не може да се однесува „после мене потоп“ смета Калајџиев, уште помалку од притвор да му налага на државниот обвинител и на обвинителите од СЈО, предметите да се предадат во ОЈО.
„Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува „после мене потоп“, туку убаво ќе си одбере нов јавен обвинител за што не постои интерес, не постои интерес Македонија да има независна самостојна и автономна институција која што ќе се бори против висока корупција. На крај, морам да признаам дека СЈО се оформи само за да се турне ВМРО-ДПМНЕ од власт и ништо друго“
-Гордан Калајџиев универзитетски професор
И од Блупринт – коалицијата на невладини организации за реформи во правосудството се согласуваат дека СЈО треба да продолжи да функционира со својата независнот и автономија.
„Ова би се постигнало доколку СЈО се доведе на ист ранг како Обвинителството за организиран криминал, со тоа што би се разграниќиле надлежностите – едното да гони висока корупција на избрани функционери, а другото за организиран криминал и корупција“, рече Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“.