Реакција на Владата за инцидентот во Мелбурн

Владата во понеделникот го осуди палењето на макети на премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и палењето на знамињата на Бугарија и Грција пред македонскиот конзулат австралиски.
Во владината реакција се наведува дека ваквите настани го „нарушуваат имиџот на земјата“ и дека палењето знамиња на држави и макети од премиерот и министерката „не се никаква одлика на патриотизам, ниту, пак, се слика за дијаспората“.

„Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалското и недолично однесување на мала група пред конзулатот на Република Северна Македонија во Мелбурн. Ваквите дејствија го нарушуваат имиџот на земјата, на македонскиот народ и на граѓаните на Северна Македонија во очите на демократската јавност“, се вели во реакцијата.

Покрај тоа, наведуваат дека „говорот на омраза е одлика на едно минато и напуштено време на кое мнозинството од граѓаните во земјава и дијаспората се спротиставиле и кое е неприфатливо за домашните и глобалните демократски стандарди“.

„Говорот на омраза поттикнува насилство, а сите кои потпалуваат нетрпение и конфликти треба да одговараат пред надлежните институции“, се наведува во реакцијата.

„Овие срамни изолирани дејствија нема да наштетат на гордоста да се биде Македонец или граѓанин на нашата земја, дома или надвор од границите на Република Северна Македонија“, реагираат на крајот од Владата