Самоповикан сибирски шаман од Бурјатија, кој бил баран по потерница, а пешки тргнал на пат до Москва за да го „истера ѓаволот“ од рускиот претседател Владимир Путин, бил приведен од полицијата соопшти во четвртокот републичкото министерство за внатрешни работи.
Полицијата на Бурјатија, руска република во источен Сибир, објави дека ноќта кон четвртокот ги уапсила самонаречниот шаман Александар Габишев на автопат близу езерото Бајкал. Вратен е во родната Јакутија, каде го бараат поради нарушувања на законите, се додава во соопштението. Полицијата не потврдува за медиумите дека приведениот е вистински шаман, и не појасниле зашто е осомничен.
Шаманизмот, спиритистичко-магиска форма на религија, некогаш нашироко практикуван во изолираните области на Сибир и Далечниот исток, се темели на верувањето во духови како господари на светот и бил забранет во советската ера, кога бил практикуван тајно.
Габишев тргнал во март пеш низ најголемата земја на светот и планирал до 2021 година да пристигне во престолнината Москва. Сакал, кога конечно ќе пристигне во главниот град, да го „истера ѓаволот“ од Путин.
Претходно медиумите објавија дека „шаманот“ Габишев тргнал кон Москва, а неговите приврзаници, незадоволни од исходот на неодамнешните локални избори во Бурјатија во август организирале нелегален протест во Улан-Уде. Шаманите му го забраниле тогаш влегувањето во градот, а неколку негови следбеници биле приведени. Беше наведено и дека против него може да се подигне кривична постпака, поради организирање екстремна заедница.
Имено, последните седмици на патот долг 5.000 километри од Јакутск до Москва му се придружила помала група „следбеници“, убедени или едноставно забавувани од неговите изјави за рускиот претседател. За него се снимени и неколку репортажи на руските државни канали, па имал проблеми и со некои локални власти.