Алфа телевизија имаше ексклузивна можност да зборува со Дејан Давидовски, првостепено осуден за настаните на 27 април. Тој во моментот е во Шведска, држава членка на ЕУ која одби да го екстрадира, иако Македонија со потерница го побара тоа. Шведскиот Врховен суд не го испорача, толкувајќи дека делото не соодветствува со тероризам, туку според нивното законодавство, актот се толкува како бунт на граѓаните. Љупчо Цветановски зборуваше со Дејан Давидовски.
-Дејан, како ја толкуваш одлуката на шведскиот Врховен суд кој одби да те екстардира во Македонија и покрај потерницата распишана од властите во Скопје? Дали со ова Шведска го става под знак прашање актуелниот македонски правосуден систем и правната држава?
ДАВИДОВСКИ: Знаете, не зборуваме за некоја земја од третиот свет, туку за Шведска, земја членка на Европската Унија, држава со вековна традиција. Кога ваква земја, која е синоним за демократија и правна држава ќе констатира политички прогон и ќе одбие екстрадиција констатирајќи го гласно, пораката е јасна – сегашната Македонија има проблем со владеењето на правото. Во превод – Шведска кажа дека не сме правна држава. На страна што не се работи само за мене, имаме уште три случаи во две држави, Унгарија и Грција, двете членки на ЕУ и НАТО, кои одбија екстрадиција на македонски државјани поради политички мотиви во случаите. Владината пропагандна машинерија можеби може и да ги шиканира Грција и Унгарија, иако нереално, но никој не може и не смее да отвори уста против Шведска, која во светски рамки е пример за правда и правна држава. Така што, одбивањето на Врховниот суд за моја екстрадиција е силен шамар за Заевата хунта. Појасна порака за тоа што се случува во Македонија и за обвинетите и осудените за 27 април – здравје!
-Од временска дистанца од повеќе од две години од собраниските настани од 27 април, што мислиш, што навистина се случи? Дали можеби, од сегашна гледна точка, мислите дека бевте дел од една смислена провокација за доаѓање на власт со цел промена на името?
ДАВИДОВСКИ:Како вистински патриоти, мојата и намерата на браќата околу мене беше целосно искрена, влеговме понесени од скандалозното рушење на државата кое се одвиваше пред наши очи, Тиранската платформа, пеењето на албанската химна, формирање влада надвор од желбата на народот искажана на изборите. Не влеговме да убиеме или повредиме некого, скраја да е, ситните инциденти беа индивидуален чин, но дури и тој предизвикан од дејанијата на уште тогаш – Заевата хунта. Очигледно, не злоупотребија како топовско месо, провокацијата беше смислена и секој нормален човек и патриот би реагирал како нас, доколку се најдеше таму. Од сегашна гледна точка – да, нашиот патриотизам и љубов кон Македонија беа злоупотребени, а ние станавме колатерална штета на една политичка игра за некој си Заев да го оправда неуставното доаѓање на власт…
-Од друга страна, Дејан, дали повеќе од драконските казни кои ги добија останатите 16 учесници во 27 април и самиот процес ја „завршија работата“, дали се’ беше со цел да се заплаши македонскиот народ, да не протестира за и околу настаните кои следуваа?
ДАВИДОВСКИ: Дефинитивно, тоа беше втората злоупотреба на патриотите од 27 април. Притворите и безобразниот лажен процес кој се одвиваше во македонските судници, чин кој беше и ќе остане историски срам и блам за македонското судство и правната држава, беа со една и единствена цел. Се плашеа од остра реакција на македонскиот народ против ненародните дејства, а страшилото бевме ние. Послуживме ко јасна закана за секој кој сака да протестира, застрашување на секој честит Македонец и Македонка кои сакаа да застаната на патот на разнебитување на државата. За жал, тоа и им успеа, по нас немаше никаков или имаше многу слаб протест, луѓето, гледајќи ја нашата судбина, се исплашија и скрија по домовите. И така, Заев и компанија без проблем сменија име устав, донесоа двојазичност, менуваат историја. Не направија пример – што ќе ти се случи ако им застанеш на патот и ако си ја сакаш Македонија, онаква каква што беше…
-За многумина досудени се неверојатни 211 години за 16 учесници во собраниските настани? Што мислиш, како им е на оние кои сега отслужуваат затвор, во висина од 7 па до цели 18 години поради учество во собраниските настани?
ДАВИДОВСКИ: Јас ја тргам и споделувам нивната мака, одделен овде во Шведска на која сум и многу благодарен што го испочитува правото, но сепак не сум дома. Можам само да замислам како моите браќа се чувствуваат затворени со убијци, рекетари и какви не криминалци – кои од друга страна, пак, сите се почесни од Заев и неговото опкружување и и плаќаат на државата за стореното дело. Но не ги жалам браќата, затоа што знам дека и тие не се жалат, затоа што знам дека тие се мажи, Македонци и дека ова го прават за Македонија. Како и тие, така и јас знаеме дека оваа првна и североидна лакрдија еднаш ќе заврши, а крајот владејачки им се ближи. Факт е дека часовникот забрзано го отчукува финишот и срамниот крај на оваа ненародна и антимакедонска власт.
–Дејан, се чувствуваш ли како ТЕРОРИСТ?!
ДАВИДОВСКИ: Ако патриотизмот, да си ја сакаш својата земја и да бидеш спремен да дадеш се’ за неа е тероризам, тогаш некој лошо го разбрал овој термин. Терористите, за наша жал, се во влада. Не зборувам за Албанците, туку за оние од клапата на Заев, кои лажно се декларираат како Македонци и кои во втората деценија од 21-от век извршија невиден терор врз сопствениот народ. Тие се вистинските терористи, кои насила и со терор затворија свои граѓани, ги шиканира по судења и ги осудија на драконски, нелогични казни затвор. Оние во комунизмот, нивните предци де, биле пофер. Овие Заеви терористи насила и без одобрување сменија име на државата, со терор и уцени го сменија и уставот. Тие се ТЕРОРИСТИТЕ, не ние…
-Ти недостига ли семејството, како е да бидеш толку време одделен од најблиските?
ДАВИДОВСКИ: Не можам да ви го опишам тоа со зборови. Се молам, дај Боже, никому во иднина да не му се случува ова што ми се случува на мене и на браќата кои гнијат по затворите. Ваква голгота на правдина е страшна работа. Оваа влада, освен што е антинационална, опортунистичка и макијавелистичка, е и крајно бездушна. Но нека се замислат, Господ гледа, а јас како верник, силно верувам во правдата.
– Што мислиш, ќе се вратиш ли некогаш во Македонија?
ДАВИДОВСКИ: Во ваква Македонија, колку и да ја сакам и за која и покрај се, повторно се би направил за неа, не би сакал да се вратам. Не во ваква држава, ова е пародија од она што некогаш беше, не само името, целата држава ја испоганија со своите глупости. Но и покрај се, оптимист сум дека ова не може да трае вечно, работите ќе се сменат и правдата ќе победи. И за мене и за моите затворени браќа, но и за сите Македонци. Ми недостига Македонија, не Северна на Заев, туку нашата Македонија?
–За крај, како гледаш на актуелните настани во државата?
ДАВИДОВСКИ:Си ја сакам Македонија и народот македонски и многу ми фалат, немате поим колку убава држава и колку прекрасен народ имаме, тоа најдобро би го виделе кога би го доживеале тоа што го доживеав јас. Но, би им порачал на сите јасно и гласно дека е време за обединување. Обединување на сите што си ја сакаат државата, обединување против оваа Хунта која ни ја парчоса и пљачкоса татковината на сите можни полиња. И национални и секакви. Доста е луѓе, доста се делевме, бојкотиравме и секој на свој начин докажувавме кој повеќе ја сака Македонија. Обединете се под еден бајрак, кој и да е, за да ја тргнеме еднаш и засекогаш од власт оваа ненародна и геноцидна влада, создадена со фабричка грешка од самиот и зародиш на 27 април. Да живее Македонија!