Шведската амбасада за случајот „Давидовски“: Насилството од 27 април останува неприфатливо

Одлуката на Владата на Шведска да ја потврди проценката на Врховниот суд дека не треба да се екстрадира Дејан Давидовски, обвинет во земјава за насилството во Собранието, „не треба на ниеден начин да биде протолкувана како позиција на шведската влада во врска со тоа што се случи на 27 април 2017 година“, велат за „360 Степени“ од Амбасадата на Шведска во Скопје.

„Демократијата мора да оди по својот тек без насилно мешање. Насилните дејства што се случија тој ден беа и остануваат неприфатливи“, велат од шведската амбасада.

Оттаму додаваат дека одлуката на владата во Стокхолм е „очекувана, бидејќи таа не смее да екстрадира доколку Судот утврди дека постојат законски пречки“.

„Кривичното дело за кое се бара да биде екстрадиран, од шведскиот врховен суд се смета дека припаѓа на групата ,политички кривични дела’ за кои, согласно шведскиот закон за екстрадиција, ние не екстрадираме. Ова, исто така, е вградено и во Европската конвенција за екстрадиција“, велат од Амбасадата на Шведска и посочуваат на член 6 од шведскиот закон за екстрадиција од 1957 година.