За свадби и за операции, но и за итна набавка на тонер. Вака се трошеле парите од „колективниот фонд“ во СЈО, кој според процените на бројот на вработени и сумите за кои јавноста веќе знае, би требало да тежи околу 100.000 евра. Во него, во период од две години, обвинителите уплаќале по 3000 денари месечно, а останатиот стручен и технички персонал по 1000. Извори во СЈО за ТВ„Алфа“ велат дека дел од парите отишле и во хуманитарни цели. Со нив се купувале и потрошни материјали, кога било итно, а немало време за јавна набавка, откриваат нашите извори. Со колкава сума располагаат во моментов, никој не знае, оти увид во фондот имале само шефицата Катица Јанева и нејзините заменици.
10-темина обвинители, по разрешувањето на Јанева, се вратија во старите обвинителства. Во МВР се вратиле околу 20-тина истражители кои биле преземени со формирањето на СЈО. Судбината на останатите 80 вработени за сега останува неизвесност. Тие преку писмо бараа помош од премиерот и од странските амбасади. Велат законот за нив треба да важи до септември следната година, но стравуваат дека следниот месец ќе останат без плата, оти ќе нема кој да им потпише. Прашани зошто не ги користат парите од „колективниот фонд“ креваат раменици. Неофицијално, само шефицата Јанева била овластена да одобрува трансакции од оваа каса. Токму Јанева од Шутка, преку писмо побарала да ги користи овие пари. Наводно и требале за покривање на трошоците за нејзина одбрана во текот на кривичната постапка за случајот „Рекет“.
Вчера државниот јавен обвинител ја разби дилемата колкава плата земаат обвинителите. За него, тоа не смее да биде државна тајна.
„Мојата плата заедно со минат труд е околу 80.000 денари. Јас лично немам информација колку пари земале обвинителите во СЈО“, вели Јовески.
Ако платата на Јанева, според закон треба да е за 10 отсто пониска од онаа на Јовески, тогаш специјалната обвинителка би требало да зема 72.000. Ако на ова се додаде и додатокот за зголемен ризик и доверливост кој може да изнесува 35 проценти од бруто плата, месечните примања на Јанева би биле околу 105.000 денари. За разлика од неа, другите 10 обвинители во СЈО земале исто како и колегите во Организиран криминал и корупција – околу 80.000 денари.
Но, она што предизвикува најголема дилема во јавноста е колку чинат надоместоците на обвинителите кои ги прислушувале бомбите, иако се шпекулира дека по оваа ставка, тие земале и по 160.000 денари месечно.