
Власта и опозицијата на уште една средба за Законот за јавно обвинителство којашто заврши без поместување од позициите.
Само половина час траеше средбата во Собранието на којашто како што информираат од двата тимови не се ни разговарало за последните предлози кои што се ставија на маса. Велат уште на почетокот од разговорите се појавиле суштински разлики во толкувањето на заклучоците од средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 10-ти септември.
Зошто нема се уште договор, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања.
Антонио Милошоски од преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ вели одговорноста за неуспехот и по девет месеци преговори за идното уредување на јавнообвинителската областа е на власта.
Министерката за правда, Рената Дескоска рече дека имаат волја да отстапат до таму до каде што ќе се придржуваат во рамки на европските стандарди и дека надвор од тоа нема да отстапуваат.
– Имаме повеќе клучни разлики, процедурата за заштитни механизми, именување на обвинител на челото на новото обвинителство, потоа дали воопшто ќе има ново обвинителство – постои разлика, и трето преодот на случаите, водењето на случаите, значи да се направи солидна правна рамка ако веќе го укинуваме Законот за СЈО, треба тие работи да бидат правно изрегулирани со цел да нема никакво сомневање, рече Дескоска.
Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.