Oд каде му се на директор на ФЗОМ службени податоци од ОЈО?

Во интервју за „Република“, сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова вели дека поседува докази кои експлицитно укажуваат дека Ден Дончев и Венко Филипче се обиделе да попречат странска инвестиција да влезе во Македонија со тоа што давале лажни изјави и го манипулирале инвеститорот.

Во продолжение ви пренесуваме дел од интервјуто:

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев обвини дека вистинскиот сопственик на „Диамед“ во странство е поранешниот премиер Никола Груевски и дека таа фирма сте ја продале на странска фирма.

Иванова: А врз основа на кои докази ме обвинува, кафеански озборувања?! Кога ги основав компаниите во странство, од ниеден тамошен адвокат не добив прашање дали сакам или имам потреба да наведам скриен сопственик, тоа едноставно не оди така. Исто како и кај нас, се легитимирате како основач и толку. Компаниите се целосно мои, во 100-отстотна сопственост и тоа Ден Дончев многу добро го знае од увидот во документите што ги презентираше. Се знае како се станува сопственик или партнер во компанија – со инвестирање лични средства. Јас Груевски сум го видела еднаш во животот кога носев странски инвеститор на состанок во 2010 година. Се надевам дека допрва ќе добиеме одговори зошто Ден Дончев ја замајува јавноста. Можеби Ден Дончев знае како и каде се прави тоа од сопственото искуство?!

Што се однесува до продажбата на мојата компанија на странски инвеститор,  кажете ми дали има поголем успех и потврда за вашата работа кога по тригодишна анализа од страна на странскиот инвеститор, ќе ви потврдат дека сето она што сте го работеле и во што вложувале со години го заслужува нивното внимание и вашата локална компанија станува дел од систем признат во светот. Јас навистина не гледам што има тука спорно. Секојдневно гледаме на телевизија како се повикуваат странски инвеститори, но за жал, во мојот случај не беше така. Слушнавте и самите на прес-конференцијата во Владата како ги „предупредувал“ Ден Дончев странските инвеститори.

 

Кога фирмата има јавен сопственик и е стоотстотно во ваша сопственост, зошто имало потреба да отворите фирма во странство? Директорот на ФЗОМ обвини дека причина за тоа е да ја сокриете сопственоста, но и да ги избегнете давачките кон државата.

ИвановаУште една небулоза од Ден Дончев. Неколку дена по продажбата купопродажниот договор, потпишан и од инвеститорот од Шведска и заверен на нотар, е пријавен во сите наши институции вклучувајќи ја и Управата за јавни приходи. Во него е наведен целоит износ, податок од јавен карактер достапен на увид на Обвинителството. Освен тоа, Обвинителството ги поседува и договорот и даночните  пријави кои произлегуваат од него. Државата ја интересира само дали сите даноци се целосно и уредно пријавени во УЈП. Даноците се пријавени, но сè уште не можам уредно да ги платам поради тоа што сметките ми се блокирани. Не треба да нагласам дека УЈП секојдневно си пресметува камата за задоцнето плаќање. Што да ви кажам, кадија те тужи – кадија те суди.

Сте ги пријавиле во УЈП и парите кои се замрзнати во Монако?

Иванова: Да, токму така. Сметката на мојата фирма во Монако не е тајна, како што не се тајна сите изводи и трансакции на неа од нејзиното отварање до денеска. Управата за финансиско разузнавање не ја откри таа сметка. Јас не ја кријам. Управата за финансиско разузнавање и директорот Блажо Трендафилов од Струмица само манипулираат со податоците колку да се каже дека нешто работат. Замислете, отидоа и ги казнија нотарите и адвокатите кај кои се заверени купопродажните договори со странскиот партнер, затоа што не пријавиле сомнителна продажба.

Ден Дончев обвини, исто така, дека тендерската постапка не била водена законски, дека цената е висока, односно заработката е голема, дека сте преземале функционална опрема…

Иванова: Кога како компанија учествувате на отворен повик што го објавува државата, секако дека сте сигурни дека државата водела сметка за законитост на постапката. Тоа ви дава сигурност да почнете со инвестиции кои, верувајте ми, се огромни, да инвестирате во шест нови центри за дијализа и целосно да реновирате три постоечки. Тоа се сериозни износи. Барањата на државата беа ригорозни и изискателни (да се замени цела нефункционална опрема, кревети, итн.) сè со цел да се подигне нивото на лекување на пациентите на дијализа на европско ниво. И во тоа успеав за само една година.

 

Што се однесува до цената на дијализата, има само една суштинска разлика која Ден Дончев намерно пропушти да ја сподели со јавноста. Во моментов цената од 90 евра (која е сè уште најниска во регионов и пошироко) се однесува на дијализа со вклучени специјалистички консултативни прегледи и обезбеден транспорт на пациентите од местото на живеење. И тука е целата негова манипулација со јавноста. Наводно порано цената била 70 евра, што не е точно, беше 80, а ФЗО плаќаше плус 10%, односно 8 евра по дијализа за специјалистичко-консултативни прегледи на посебно доделен буџет и плус на пациентите им го плаќаше транспортот на посебни фактури, во зависност од местото на живеење. Вкупно од 92 до 95 евра. Јас ова го знам затоа што на истиов овој начин соработував со ФЗО во 2010 година кога бев директор на првата приватна болница по нефрологија и дијализа Диамед во Скопје. И што добиваа пациентите за тие пари? Распаднати машини со по 100.000 работни часови. Престој по 5 часа во подруми во кои се излеваа фекалии на секој дожд. Недостиг на лекарства кои законски им следуваат на секоја дијализа. По преземањето во 2014 година во некои градови немаше дури ни медицинска документација за пациентите, не можеа луѓето да се сетат кога последен пат им биле направени лабораториски испитувања, што е неопходно за соодветно лекување…

Целото интервју прочитајте го на РЕПУБЛИКА