Три претстави од Македонија наградени на фестивалот „НЕТА“

Претставата „Народен непријател“, по текст на Ибзен а во режија на Дино Мустафиќ, копродукциски прект на Театарот на еден актер од Македонија и театарот Ода од Косово, доби награда за оригинален прочит на класично дело на четвртиот меѓународен фестивал на Новата европска театарска асоцијација кој изминатите седум дена се одржа во Враца, Бугарија. Во претставата забележителни се актерските остварувања на доаените на нашиот театар Бајруш Мјаку и Салаетин Билал.

„Тобелија“ од Љубомир Ѓуровиќ, во режија на Ник Апер, копродукција меѓу Малиот драмски театар од Битола, Драмско куклениот театар од Враца и фестивалот Екс Понто од Словенија доби награда за оригинален режисерски концепт и синтетичка актерска игра. Актерската екипа во претставата ја предводи Јоана Поповска, доаен на македонскиот театар.

Копродукцискиот проект „Корекција“ од Зоран Гаши, во кој настапуваат македонските актери Здравко Стојмиров, Александар Стефановски, Сандра Грибовска и Борис Чоревски доби награда за ефектен видео дизајн, чиј автор е Павле Михајловски од Македонија.

На фестивалот беа изведени осум претстави од Бугарија, Македонија, Грција, Косово, Црна Гора, Романија и Словенија. Претставникот на Србија, театарот од Шабац, поради катастрофалните поплави не учествуваше на фестивалот.

Во Враца за време на Фестивалот беше претставена драмата  „Р“ од Јордан Плевнеш објавена на бугарски јазик од фондацијата „Балканика“, а во неофицијалната фестивалска програма за драмата „9“ од Гоце Ристовски зборуваа Нико Горшиќ и Тодор Кузманов.

neta2

neta 3