Притисоци по телефон го одложија изборот на судии во Скопска апелација

Изборот на шест судии за Апелациониот суд Скопје денеска пропадна откако седницата на Судскиот совет се прекина за пауза и паузата се претвори во колективна паника на членовите на Советот, кои постојано добиваа телефонски повици, пишува Сдк.мк. За шесте места во Скопска апелaција конкурирале 96 кандидати, што значи дека овој суд останува прв по атрактивност од сите судови и понатаму.

Членовите на Судскиот совет со телефони во рака првин се групираа по канцеларии за на крај да отидат сите кај претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, а меѓу нив беше и в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани.

Од кабинетот на Здравев соопштија дека седницата за избор на судиите во Апелациониот суд Скопје се одлага на неодредено. Оттаму како причина наведоа дека немало доволна координација за кого би го дале својот глас членовите на Судскиот совет од овие 96 кандидати.

На новинарско прашање дали тоа значи дека во Судскиот совет првин се договараат да наместат судии, па потоа само ги верификуваат со глумење гласање на седница, претседателот Здравев рече дека со ова разногласие меѓу нив, но и желбата на сите 96 кандидати да бидат избрани, може само да не се избере никој и огласот да пропадне. Притоа, кажа дека тоа е најлошата варијанта за Апелациониот суд Скопје, кој е најпренатрупаниот суд во државата, кој 5 години чека да бидат избрани најдобрите кандидати за да работат, а не да трупаат предмети како некои од судиите во апелација.