Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ќе го одигра пријателскиот натпревар против фаворизираната селекција на Камерун која засилено се подготвува за престојниот Мундијал во Бразил.
Натпреварот ќе се одигра на неутрален терен во австрискиот Куфштајн, каде “црвено-жолтите ” се подготвуават веќе пет дена и одработија осум тренинзи.
„Камерун е фаворит, нивниот рејтинг го говори тоа, но нема да се предадеме без борба. Напротив, подготвени сме да се надигруваме за позитивен резултат. Задоволен сум од начинот на кои играчите ги реализираат моите тактички замисли. Тактиката и нејзиното усовршување е во фокусот на овие подготовки. Целта е да наметнеме офанзивна игра, сакам да играме со топка во нозете, да бидеме фокусирани и брзо да ја антиципираме секоја ситуација. Ќе видиме колку ќе успееме во тоа против Камерун. Можеби е сеуште рано да зборуваме за свој стил на игра, заедно сме релативно кратко време, во тимот има неколку нови играчи, но јасно ставаме до знаење дека тоа е нашата цел, да изградиме свој, препознатлив стил на игра во која ќе уживаме. Одиме од натпревар за натпревар, а на теренот ќе покажеме дали и колку сме успеале да бидеме на рамниште, подобри или не од противниците”, изјави Ѓуровски за сајтот на ФФМ.