Рама не очекува датум за преговори со ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама не очекува Албанија следната седмица да добие датум за почеток на преговорите за пристапување во Европската унија.

Рама изјави дека не е оптимист во врска со започнувањето на преговорите на Албанија и Северна Македонија со ЕУ, за што Европскиот совет треба да одлучи следната недела.

„Дали сум оптимист? Не“, изјавил Рама за весникот The Irish Times, а пренесе агенцијата Танјуг.

Рама додава дека не може да биде оптимист доколку реално се согледаат случувањата во ЕУ.

„Јас сум оптимист за иднината на земјава, но не и за тоа што ќе се случи следната недела. Ние сме колатерална штета. Тоа е како кога паѓаат бомби и ќе погодат градина. Ние сме таа градина“, изјавил Рама.

Тој додава дека неговата земја не очекувала да стане членка на ЕУ следната недела и знае дека тоа не е можно, туку да бара почеток на преговорите кои би помогнале Албанија да стане членка во следните десетина години.