
Апелацискиот суд во Скопје му наложи на Кривичниот суд повторно да одлучува дали екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева може да биде пуштена од притвор со гаранцијата што ја понуди.
Судиите од Апелација одлучија да го укинат решението со кое судија на претходна постапка го отфрли барањето на Јанева за со гаранција во недвижен имот да излезе од Шутка. Апелација дава упатство Кривичниот совет повторно да одлучува по барањето со што Јанева добива втора шанса да го напушти затворот во Шуто оризари.
Инаку, Јанева денеска треба да с е врати во затворската ќелија откако четири дена помина на прегледи и лекување во приватната клиника „Жан Митрев“. Таа во четвртокот беше примена со болки во градите, докторите утврдиле наводни аномалии при прегледите поради што ја задржаа на опсервација.
Нејзината одбрана пред одлуката на Апелација најави дека доколку добијат негативен одговор и од апелациските судии ќе поднесат барање за куќен притвор со образложение дека се исполнети сите услови за тоа, а во предвид да се земе и влошената здравствена состојба на поранешна специјална обвинителка.