Четворица затвореници избегаа од конвој на пат од суд во Франција

Четворица затвореници избегале и покрај полициската придружба додека биле пренесувани во затворот од судот во јужниот француски град Марсеј, пренесува во вторникот синдикатот на затворскиот персонал SNP FО на својот профил на Facebook.

„Четворица затвореници избегаа за време на транспортот од судот до казнено-поправниот центар Бометес, кој се одвиваше во придружба на полициски конвој“, се наведува во соопштението.

Според информациите на порталот France Info, покрај бегалците, во затворското комбе имало и други затвореници. Тие раскажале дека „четворицата бегалци, врзани со лисици по двајца, го искористиле застанувањето на возилото на семафор, ја отвориле вратата од комбето и се оддалечиле пешки“.

Се наведува и дека бегалците биле лица вклучени во дела поврзани со криминален заговор, организирање проституција и изнуди.