
Францускиот претседател Емануел Макрон во Тулуз, на вечерашната заедничка прес конференција со германската канцеларка Ангела Меркел, го повтори ставот дека нема да има проширување на ЕУ со Македонија и со Албанија.
– Ја споделувам истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка. Сакам да испратам позитивен сигнал до овие лидери, но сериозно погледнато, сега јас морам да им порачам: Овојпат нам ни е потребно малку повеќе време за да ги средиме работите – рече Макрон.
Макрон во изјавата ги поздрави реформите и дава признание за сѐ што е направено од страна на двете земји кандидатки, но сепак според него ЕУ не е подготвена во тесната европска куќичка да кани нови членки односно „другарчиња”.
Тој изјави дека место за Западниот Балкан во ЕУ има, но сегашниот начин на пристапување на нови членки е апсурден. За Макрон проблем за сегашниот случај е и бројот на азиланти од Албанија во ЕУ.
Тој повторно ја потенцира новата методологија за идно проширување и потребата „куќата“ (ЕУ) прво да се среди и реновира, затоа што некои сакаат внатре, некои сакаат надвор, но дека само некои плаќаат за реновирање на куќата.