Венецуела денеска на изборот одржан во Генералното собрание на Обединетите нации доби место во Советот за човекови права за периодот од 2020 до 2022 година и покрај критиките од невладините организации и латиноамериканските земји упатени кон владата на Николас Мадуро и нејзиното влијание во почитувањето на човековите права.
Каракас доби 105 гласа на изборот, а се бираа две места резервирани за Латинска Америка. Бразил го доби второто место со 153 гласа. Костарика, која се обиде да и конкурира на Венецуела, доби само 96 гласа.
Генералното собрание на ОН со 193 члена избра 14 нови членки на Советот за човекови права, вкупно има 47, за тригодишен мандат, почнувајќи од 1 јануари 2020 година.
Според правилата, местата во Советот се распределени на региони за да се обезбеди географска застапеност.