Единствена исправна одлука сега се предвремени парламентарни избори

Александар Спасеновски, универзитетски професор и поранешен пратеник, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за следните чекори кои треба да се преземат по недобивањето датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

„Сметам дека единствена исправна политичка позиција на Владата во овој момент е да донесе одлука за распуштање на парламентот и организирање на предвремени парламентарни избори. Особено заради фактот што оваа политичка коалиција, независно од фактот што не освои најмногу пратеници на изборите, меѓутоа коалицијата којашто се формираше после тоа помеѓу СДСМ, ДУИ и неколку други албански партии, беше формирана за да се зајакнат, унапредат и забрзаат европските и евроатланските перспективи на Република Македонија и да се затворат клучните политички теми од аспект на билатералните односи на Република Македонија со соседните држави. Факт е дека НАТО е тука, но истовремено, доколку го земеме референдумското прашање, во тој случај можеме да кажеме дека ова претставува еден сликовит пример, како граѓаните на Република Македонија беа убедувани дека единствено на овој начин ќе се оствари една голема политичка цел. Сега се апстрахираме од политичката позиција на Франција којашто ја предизвика оваа состојба, но имајќи ги во предвид ветувањата на СДСМ и основите врз основа на кои беше формирана политчката коалиција, повеќе од логично е Република Македонија да оди на предвремени парламентарни избори“, рече Спасеновски.