
Кинеската фабрика на „Тесла“ во Шангај, која ќе ги произведува електричните автомобили „Tesla Model 3“ и „Model Y“, започна со работа во четвртокот. Американскиот милијардер и основач на „Тесла“, Илон Маск, инвестираше 2 милијарди долари во фабрика во близина на Шангај. Во тоа е вклучена изградбата на објектот и концесија на 50 години.
Изградбата на фабриката на „Тесла“, наречена „Гигафактори 3“, со големина од 86,5 хектари (870.000 квадратни метри), започна на почетокот на годината. Кинезите ја изградеа фабриката од темел за помалку од една година (10 месеци). Ова е една од најголемите фабрики за автомобили во светот, со исклучок на погоните на „Хјундаи“ и „Фолксваген“. Таа е скоро двојно поголема од објектот на „Тесла“ во Калифорнија.
Во првата фаза од проектот Маск има за цел да произведува 250.000 автомобили годишно, а во наредните години производството треба да се искачи на 500.000 примероци на „Tesla Model 3“ и „Model Y“ годишно.
Кинескиот план е да има 160 милиони електрични возила на нивните патишта до 2040 година. Инаку, „Гигафактори 3“ ќе биде првата автомобилска фабрика во Кина во сопственост на странци, Американецот Маск, за кого ова е првата фабрика на „Тесла“ надвор од САД. И покрај инвестицијата од 2 милијарди долари, се очекува Маск да ги избегне високите царини наметнати на американскиот извоз на автомобили во Кина.