Започна реконструкцијата на куќата на „Андонци“ во Ново Село во Штип

Започна најавената реконструкција на една од најпознатите куќи, претставници на македонската традиционална архитектура во штипско Ново Село. Куќата се наоѓа веднаш на локалниот пат, на влезот во Ново Село при доаѓање од Струмица или Радовиш. Оваа куќа, е позната како домот на Андонци и истата беше руинирана и пред распад. По низата зафати кои го најавија ревитализирањето на култното штипско Ново пред нова година, Општина Штип и граѓаните добија важен и несекојдневен подарок. Владата на Република Македонија и Министерството за Култура ја купија оваа куќа и истата ја преотстапија на Управата за заштита на споменици од културата со идеја истата да биде реконструирана и претворена во музеј. За купување на куќата, од буџетот на Р.М беа предвидени 5 милиони 118 илјади 078 денари или околу 83 илјади евра.

Ова е воедно прва официјална одлука за поддршка на проекти за реставрација на заштитно културно наследство. Последната позната, датира од 1961 година од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата коа беа фиксирани и ставени под заштита околу десетина куќи. Во една од нив од страна на Музејот во Штип, во 1960 година е извршена конзервација на таваницата и долапите во една соба. Меѓутоа, во споменатата година една комисија на истиот завод констатира дека за одржувањето и конзервацијата на тие објекти се потребни големи средства, што ги надминуваат нашите моментални можности, и донесе решение заштитата на овие куќи да се прекине.

„Реновирањето на куќата на Андонци и нејзиното претворање во музеј, е дел од поширокиот концепт за уредување на локацијата „Јавор“ каде веќе се прави мини плоштад и каде ќе се гради еднокуполна мала црква. Зад куќата на Андонци, се наоѓа куќата на Мијалкови која веќе е во завршна фаза на реконструкција, согласно стандардите за реставрација на објекти од историско-наследна важност на државата. И улицата „Крсте Мисирков“ преку која двете куќи излегуваат на улицата „Димитар Влахов“ позната и како обиколница Ново Село, е предвидено да биде обновена со тоа што асфалтот ќе биде заменет и истата ќе биде претворена пешачка патека со коцка и природен камен,“ изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

На овој начин, се заокружува можеби најважниот и најекспонираниот дел од Ново Село. Наместо руините од стари куќи, раскопаниот асфалт и старата барака-продавничка која ги пречекуваше сите возачи (вклучително и странци) ќе биде заменета со еден нов сегмент кој има двојна важност: првата е за самиот урбан амбиент на легендарното Ново Село и втората, затоа што конечно ќе покаже дека државата препознала нешто кое мора да биде заштитено и обновено како сведок на минатото.Исто така веќе се знае дека во куќата ќе има и восочни фигури и дека таа ќе биде претворена во музеј.