Осудениот специјалец Игор Спасов кој не се врати во затворот во Идризово, ќе го бара полицијата. МВР потврди дека добиле известување од Основниот суд во Штип дека осуденото лице го нема и ќе постапуваат по наредбата. МВР треба да направи проверка на домашна адреса, како и да испрати известување дека Спасов се бара до сите гранични премини. Ако полицијата не го лоцира и не го најде дома, ќе биде издадена прво централна потерница на ниво на државава, а потоа и меѓународна потерница.
Од Судот во Штип вчера во 14 часот добиле известување од затворот „Идризово“ дека Спасов не се појавил во затворот откако во петокот му истекол условниот отпуст, даден поради здравствени причини. Засега е нејасно зошто ова известување патувало цели четири дена од Скопје до Штип.
Поранешниот специјалец Спасов до 18 август годинава една година е на слобода, наместо во затворот во Идризово.
Со медицинската документација која ја поднесува до судот од август, 2018 година, а оттаму ја прифаќаат, веќе втора година со здравствените причини го оправдува своето отсуство и не се враќа во затворската ќелија во најголемиот затвор во државава.
Прекинот на издржувањето на затворската казна не му се засметува во отслужувањето на затворска казна.
Поранешен припадник на „Тигрите” беше осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски што се случи на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Тој има досега отслужено шест години затвор.