
Предвремените парламентарни избори се месеци далеку, но во партиите веќе се пресметува како и со кого ќе се постигне најдобар резултат. Меѓупартиските преговори наголемо течат. Дел од партиските лидери излегоа и со конкретни понуди кон посакуваните предизборни партнери, но засега никоја од страните си нема пружено рака за заеднички настап на 12-ти април догодина.
Можност за предизборна коалиција со некоја партија, без разлика дали е од македонскиот или албанскиот блок, денеска не ја отфрли ниту претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Опозицскиот лидер вели водат разговори со повеќе политички партии. Доколку постигнат некаков консензус околу програмата што би ја понудиле на гласачите можна е и предизборна коалиција.
„Разговараме со многу политички партии. Апсолутно разговараме и ќе продолжат разговорите со политичките партии. Доколку имаме сврзна точка доколку најдеме заеднички интерес кој ќе конвенира со интересот на граѓаните на Македонија апсолутно не гледам никаква пречка да потпишеме договор и предизборна коалиција, но да оставиме и простор понатаму да ги донивелираме ставовите доколу има некои разединувања во постизборна коалиција после победата на предвремените парламентарни избори“, истакна Мицкоски.
Посочи дека се фокусирани на политиките и понудата што ќе ја даде ВМРО-ДПМНЕ и изрази загриженост од лошата ситуација во која се наоѓа државата на економски и политички план и оти ќе се обидат да понудат нешто што на краток рок ќе биде офанзивно и ќе донесе резултати.
Лидерот на Алијанса за Албанците вчера го направи првиот конкретен потег кон коалиција пред денот на изборите. Зијадин Села јавно ги повика БЕСА и Алтернатива заеднички, како што рече, да се спротивстават на партиите кои се дел од власта ДУИ и ДПА.
„Јавно ги повикувам оттука, Алијанса за Албанците е заинтересирана за коалиција со Движењето Беса и Алтернатива заедно. Не, не е и ДПА. ДПА ќе му ја оставиме на Али. Бидејќи тој бара ние да се обединиме, нека се соедини и тој. Ние ќе работиме заедно со БЕСА и Алтернатива да се случи оваа коалиција. Во меѓувреме и Али кој постојано повикува да се обединиме, еве и тој нека ги земе Весел и Мендух и да направиме два политички блока“,вели Села.
Но, коалиција каква што посакува Села е многу малку веројатно да се случи имајќи предвид дека Алтернатива е партијата која произлезе од БЕСА поради несогласувањата на сегашното лидерство на алтернативците со претседателот на БЕСА, Билал Касами.Многу поверојатна предизборна коалиција е само меѓу БЕСА и Алијанса. Двете партии веќе имаат еден заеднички настап зад себе кога застанаа зад кандидатурата на Блерим Река на последните претседателски избори.
СДСМ и ДУИ исто така имаа заеднички кандидат за претседател, актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски. Но, за предвремените парламентарни избори според лидерот на ДУИ, Али Ахмети коалиција со партијата на Заев не би била логична со тоа затворајќи ја вратата за предизборна коалиција со СДСМ. Тој додава дека со актуелниот владин партнер, покрај другото, имаат и неколку ненадминати разлики околу национални прашања.