Илјадници на протест во Мадрид бараат поцврст став кон каталонските сепаратисти

Илјадници лица учествуваа на митингот организиран од шпанската крајнодесничарска партија „Вокс“ во Мадрид. Лидерот на политичката формација Сантијаго Абаскал пред насобраните демонстранти рече дека само неговата партија може да се справи со кризата во Каталонија.

Со извици „Да живее Шпанија!“ поддржувачите на формацијата го претворија еден од централните плоштади во главниот град во вистинско црвено-жолто море, мавтајќи со шпанското национално знаме.

Абаскал ја критикуваше владејачката Социјалистичка партија, фокусирајќи се на проблемот со Каталонија, каде во последните неколку недели имаше раширени протести и судири по пресудите против лидерите на каталонските сепаратисти.

„Вокс“ зазема цврст став против каталонскиот сепаратизам и бара сите регионални партии кои повикуваат на независност на регионот, да бидат забранети.

Малку познатата партија „Вокс“ во април успеа да стане првата крајнодесничарска формација што влезе во парламентот откако Шпанија се врати кон демократијата по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година. Партијата, позната по антиимигрантските ставови, освои 24 мандати во шпанскиот Парламент со 350 места.