
Владата ќе објави повик за поврат на средства за вградување плински уреди во возилата кои возат на бензин. Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните на време да аплицираат, зашто исплатата на парите ќе се врши по принципот – прв дојден, прв услужен.
„Би сакал на граѓаните уште еднаш да им објасниме дека треба навремено да аплицираат во Министерството за економија, со цел да бидат меѓу првите за добивање вакви мерки. Ние тука нема да застанеме и следната година секако дека ќе продолжиме со овие мерки бидејќи сакаме да реализираме мерки кои имаат голем интерес кај граѓаните“, рече министерот Бектеши.
Повратот на парите ќе биде во висина од 50 отсто, но не повеќе од 300 евра. За оваа намена од буџетот се предвидени близу 250.000 евра. Тоа се пари за околу 850 плински уреди. Што се однесува до мерката за замена на старите со нови возила, како дел од новитетите во Законот за возила како дел од пакетот за справување со загадувањето, Бектеши рече дека се разгледуваат повеќе опции.
Се разговара и со здруженијата на увозници на автомобили. За оваа мерка првично беа предвидени субвенции до по 3.000 евра, но тука нема да важи принципот – прв дојден, прв услужен. Со законските измени кои ресорното министерство ги промовираше летоска, предвидени се и еко-налепници во црвена, жолта и зелена боја, но тие нема да бидат задолжителни за возилата. Ќе ги издаваат општините, а во услови на енормна загаденост, автомобилот без еко-налепница ќе мора остане паркиран, во спротивно ќе следува казна.