Иницијативата О2 апелира до Пендаровски и до Заев за мерки за заштита на животната средина

Повеќе здружени граѓански организации на чело со О2 Иницијативата, преку отворено писмо бараат од претседателот и од премиерот на државата, Стево Пендаровски и Зоран Заев, да ги вклучат армијата и полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина.

Во писмото се нагласува дека припадниците на армијата и на полицијата би можеле да се вклучат во неколку активности во оваа насока:

– Патроли на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;

– Ноќни дежурства на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;

– Редовни патроли во националните паркови и планинските предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар;

– Едукација на граѓаните за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено

„Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на армијата и на полицијата во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините, активно да се вклучат“, се наведува во заедничкото писмо на граѓанските организации.

Тие сметаат дека армијата и полицијата можат и мораат да придонесат во заштитата на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и, како што се вели, со своето присуство на терен да делуваат со цел да се спречат вакви појави.