
Индустриското производство во септември годинава во однос на истиот месец лани е зголемено за 6,1 процент, а во периодот јануари − септември годинава, во однос на истиот период лани, индустриското бележи раст од 5,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, производството во секторот „Рударство и вадење камен“ во септември годинава, во однос на септември 2018 година, бележи опаѓање од 7,4 проценти, во „Преработувачка индустрија“ забележа пораст од 4,6 проценти, а во секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ зголемувањето е 32,2 процента.
Според главните индустриски групи, производството во септември 2019 година, во однос на септември 2018 година, бележи пораст кај енергијата за 25,5 проценти, капитални производи за 6,4 проценти, трајни производи за широка потрошувачка за 14,7 проценти и нетрајни производи за широка потрошувачка за седум проценти, додека опаѓање бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 3,5 проценти.