Прва тужба против Владата за загадениот воздух

Владата ја доби првата тужба поради спречување на правото на здрава животна средина поднесено од Македонското здружение на млади правници. „Во јули 2019 година поради континуираното аерозагадување е поднесена тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје против Владата на РСМ, Министерството за животна средина и Град Скопје. Станува збор за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање на мерки“, објаснуваат од ова Здружение.

Тужбата за повреда на правото на здравје, правото на здрава животна средина, право на приватност, на личниот, семејниот живот и правото на неповредливоста на домот се однесува на периодот од 2007 до 2018 година.

Здружението смета дека не се преземени неопходни мерки и активности согласно законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на PM 10 честичките во амбиентиот воздух, но и дека од 2013 до 2018 не се преземени неопходни мерки за да не се надминат гранични вредности на PM 2.5 честичките.