Твитер забрани објавување на политички реклами, а Фејсбук не

Твитер објави дека става забрана за платени политички реклами. Во својата објава директорот на Твитер вели дека ја ставаат оваа забрана бидејќи достигнувањето на поголема публика кога станува збор за политичките пораки, треба да биде заслужено, а не купено. Оваа забрана нема да важи само за реклами кои ги охрабруваат граѓаните да се регистрираат да гласаат.

Овој потег на Твитер доаѓа како притисок кон Фејсбук по контроверзните одговори на директорот на Фејсбук на прашања на американскиот сенат во врска со ширењето и рекламирањето на лажни вести. Фејсбук вели дека нема намера да ја контролира слободата на изразување на политичарите и не може да превземе одговорност за вистинитоста на нивните реклами.

Една од причините зошто во периодов се зборува на оваа тема е писмото кое кандидатот за претседател од демократската партија Џо Бајден го испратил до Фејсбук, Твитер и Јутјуб. Во писмото тој бара од платформите да ги прекинат рекламите кои ги платила кампањата на претседателот Доналд Трамп, во кои се изнесени невистинити информации и клевети за Бајден и за неговото семејство. Одговорот на Фејсбук бил дека сепак нема да ја проверува вистинитоста на рекламите поставени од страна на политичари.

Сепак овој потег на Твитер ќе има многу мало влијание врз политичката сцена, бидејќи рекламите на Твитер се во значително помал број од рекламите на Фејсбук која е главната платформа на која се рекламираат претседателските кандидати.