Во Косово шест лица силувале малолетничка, меѓу нив професор и полицаец

Шест лица, меѓу кои и гимназиски професор, полицаец и адвокат, денеска беа обвинети од косовскиот суд дека пред две години силувале малолетничка која била присилена да го абортира бебето, објавило државното обвинителство.

Искуството на девојката од западно Косово ја шокираше земјата и поттикна јавна расправа во Парламентот за статусот на жените во многу конзервативното друштво.

Претседателот Хашим Тачи аферата ја нарекол „трагична и монструозна“.

Шестмината осомничени, меѓу кои и гинеколог, се обвинети за полово злоупотребување, злоупотребување на моќта и предизвикување на бременост со полово насилство, според соопштението на обвинителството.

Истражувачкиот портал Инсајдери го откри настанот во февруари. Станува збор за девојка која во 2017 имала 16 години, а силувањата продолжиле и во 2018 година.

Инсајдери наведуваат дека во 2017 професорот почнал полов однос со таа девојка и и ветувал брак. Кога открила дека е женет и има деца, таа го пријавила во полиција.

Полицаецот со кого го споделила својот проблем и се заканувал дека нејзините родители ќе дознаат за нејзината врска со професорот, ако не оди со него во хотел четири пати во неделата, што се случувало целата 2018 година.

Кога таа забременила, полицаец ја однел во јануари 2019 година во Приштина да абортира. Адвокатот доделен на девојката исто така ја силувал, а и гинекологот, според истиот извор.

Обвинителството не открило детали за двајцата први осомничени обвинети за силување на девојката.