
Комисијата за избори и именувања не утврди предлог за избор на државен ревизор. Владеачките СДСМ и ДУИ имаа различни кандидати, а ВМРО ДПМНЕ и БЕСА присуствуваа но не гласаа. Ниту еден од двајцата предложени кандидати не го доби потребното мнозинство, констатираше претседателот на Комисијата Илија Димовски.
Насер Адеми, како предлог на ДУИ, доби само еден глас. Ејуп Адеми го препорача како досегашен успешен заменик ревизор.
Адеми незадоволен ја напушти седницата. СДСМ не ја оспори неговата стручност но го предложи Адеми Цури.
„За“ гласаа само шестмина, а опозициските партии не се изјаснија никако. По куса расправа дали 6 е мнозинство од 12 присутни, Димовски соопшти дека имало и трет предлог. Тој го договорил синоќа со премиерот Заев. Не му го кажа името, но се дознава дека е од Велес.
По неколку одложувања и паузирања, расправата беше прекината без заклучок а партиите добија дополнително време да се договараат.
Но, во Заводот за ревизија состојбата е алармантна. До декември се навршуваат две години откако му истече мандатот на државниот ревизор, а на заменикот му истече пред еден месец. Во прашање е доведена платата на вработените и нивното здравствено и пензиско осигурување. Нема кој да ги потпише и извештаите што ги работат. Со отворено писмо апелираа да се најде решение, но и денеска Комисијата не се усогласи за ниту еден од 11-те кандидати.