Мора да запре агонијата на државата што ја предизвика СДСМ

Владејачката СДСМ во изминативе три години направи толку штета, што последиците се најголема младинска невработеност во Европа, како и лоши услови за стартување на бизнис и никаква мотивација на младите за останување во државата, таквата агонија мора да запре, беше констатирано меѓу другото во неделата на  редовна седница на Унијата на млади соли на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет на УМС на споментата седница констатирал дека премиерот  Зоран Заев во изминативе три години само ги лажел младите, но и дека повеќе никој не му верува.

„Младите се на страна на ВМРО-ДПМНЕ и се за промени на секое поле кои ќе ги донесе обновата на Македонија“, се вели во информацијата од седницата.

На состанокот било забележано и дека власта која „играше на картата на младинска иселеност“, ништо не направила да ја смени таквата состојба и да го спречи иселувањето, како и дека напротив иселувањето е зголемено.

„СДСМ во изминативе три години направи толку штета, што последиците се најголема младинска невработеност во Европа, како и лоши услови за стартување на бизнис и никаква мотивација на младите за останување во државата.Агонијата која СДСМ ја предизвика во државата мора да запре“, велат од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Порачуваат дека младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ е отворена за сите млади луѓе во земјата кои не се согласуваат со лошите политики на актуелната власт.

„Во периодот што следи младите треба да бидат тие кои ќе ги направат промените. Младите се тие коишто ќе ја предводат обновата“, заклучуваат од УМС.