Фудбалерите на Лестер Сити се пробија на третото место на табелата на англиската Премиер лига, откако во неделата со 2:0 победија на гостувањето кај Кристал Палас.
„Лисиците“ не беа толку високопласирани од сезоната 2015/2016 кога на крајот станаа и сензационални прваци.
Головите за Лестер ги постигнаа Каглар Сојуну во 57 и Џејми Варди во 88 минута, кој стана првиот стрелец во Премиер лигата оваа сезона кој стаса до бројката од 10 погодоци.
Лестер сега има 23 бодови, колку и четвртиот Челзи, два бода помалку од второпласираниот Манчестер Сити и осум помалку од водечкиот Ливерпул. Кристал Палас, пак, е деветти со 15 бодови.
Во вториот неделен меч Евертон и Тотенхем на „Гудисон Парк“ одиграа 1:1, откако домашните успеаја да израмнат во седмата минута од судиското продолжение со голот на Ченк Тосун.
Тотенхем поведе во 63 минута преку Деле Али по големата грешка на Алекс Ивоби, кој им ја подари топката на гостите. Во 79 минута „Спарс“ останаа со играч помаклу откако бепе исклучен Сон Хеунг-Минг кој со опасен старт му ја скрши ногата на Андре Гомез. А настојувањата на Евертон ги круниса Тосун во седмата минута од продолжението. Судијата Мартин Еткинсон поради двете проверки со ВАР го продолжи мечот за дури 12 минути.
Тотенхем е 11-ти на табелата со 13 бодови, а Евертон е на последното место кое обезбедува опстанок, 17-ти е со 11 бодови, три повеќе од 18-от Саутемптон.