Во североисточна Сирија има 28.000 деца од над 60 земји

Околу 28.000 деца од повеќе од 60 земји во светот се наоѓаат во североисточна Сирија, а поголемиот дел од нив се сместени во кампови за раселени лица, се наведува во изјавата на извршната директорка на Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ), Хенриета Фор.

„Според нашите процени, околу 28.000 деца од повеќе од 60 земји и натаму се наоѓаат во североисточна Сирија, главно во кампови за раселени лица. Речиси 20.000 од нив се деца од Ирак“, се додава во писмената изјава објавена ноќта кон вторникот.

Над 80 отсто од овие деца се на возраст до 12 години, половината од нив немаат наполнето пет година, истакнува Фор. Тоа значи дека, повеќето од овие деца се родени во текот на сирискиот конфликт кој започна во март 2011 година, и веројатно се од семејствата на борците на џихадистичката Исламска држава. Според изјавата на извршната директорка на УНИЦЕФ, најмалку 250 момченца, од кои некои имаат девет години, се во притвори. „Сите тие живеат во услови кои не се соодветни за деца“, се истакнува.

Од УНИЦЕФ повторно апелираат до сириската влада да обезбеди безбедна реинтеграција сириските деца во нивните локални заедници. Покрај тоа, организацијата ги повикува и владите на другите земји да осигураат безбедно, достоинствено и доброволмно враќање на другите деца во земјите на нивното потекло.

Во повеќе западни земји се води расправа за судбината на овие деца. Семејствата се борат за нивното враќање, истакнувајќи дека се жртви на приликите кои не можеле да ги бираат, а властите се малку попретпазливи. Неодамна започнаа низа иницијативи во полза на децата на џихадистите, чијшто број никој не го знае. Меѓународната невладина организација Save the Children наведува дека во бегалските кампови во Ирак летово имало повеќе од 3.500 деца и дека потекнуваат од триесетина земји.