Мицкоски пред амбасадорот на Австрија Вуцас го посочи криминалот на функционерите како најголем проблем

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски остварија средба со австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас.

Како што информираат од опозициската партија, на средбата се разговарало за актуелните политички случувања, македонската европерспектива, стратешките определби на државата и предизвиците со кои се соочува земјата.

Мицкоски потенцирал дека основната стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија е членството во Европската Унија, односно европеизација на државата и достигнување на западните стандарди.

Тој како предизвици со кои се соочува државата, ги посочил криминалот и корупцијата на високи државни и партиски функционери од власта.

„Неказнивоста на случаите на висока корупција е голем проблем. За Рекет 1 и Рекет 2 и други случаи на висока корупција се уште нема правна завршница. За да се врати владеењето на правото во Македонија потребни се суштински реформи во правосудниот систем, реформи кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги спроведе кога ќе ја преземе власта во Македонија“, порачал партискиот лидер на средбата.

Соговорниците се согласиле дека се одлични односите помеѓу двете држави и дека постои простор за натамошно продлабочување на соработката помеѓу Република Австрија и Република Македонија.